Според одлуката на Светиот синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, церемонијата на погребението ќе започне во 9 часот во црквата „Света Софија“, со Света литургија со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со надлежните епархиски архијереи на МПЦ – ОА, како и со претставници од другите Помесни православни цркви.
Инаку, по повод упокојувањето на владиката Тимотеј, Општина Охрид денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, така што откажани се сите културно-забавни збиднувања на територијата на Општината.
Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, почина завчера во Скопје каде неодамна беше хоспитализиран поради проблеми со срцето.
Изминатите 43 години како архијереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија како беше секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија, како и портпарол на Синодот на МПЦ.