Македонскиот кошаркар Ненад Димитријевиќ поради клупски обврски не можеше ниту да го одигра првиот меч во Скопје.Пред мечот во Клајпеда, Нено изјави дека Македонија може подобро да одигра против Литванија на вториот меч.
„Така се поклопија работите, игравме речиси во исто време, Македонија со Литванија, а јас со Милано против Макаби. Ги гледав првите пет минути и потоа морав да излезам на терен, ги гледав потоа „хајлајтсите“ од натпреварот во Скопје и видов што се случувало. Тој пораз не не обесхрабрува, јас мислам дека секогаш вторите натпревари од ваквите двомечи ги играме подобро, малку повеќе сме заедно и тактички и психолошки сме поподготвени за тие втори средби. Клучно ќе биде да не си дозволиме таков старт како во Скопје, да парираме резултатски, да не дозволиме Литванија да се одлепи. Ако сме блиску на резултатски план, можеме да влеземе во неизвесна завршница, зошто да не и да изненадиме“, вели Димитријевиќ.
Судскиот критериум и толерирањето на агресивната одбрана на Литванците беше наш сериозен проблем на првиот меч, но Димитријевиќ потенцира дека тоа е европски тренд што се повеќе зема замав во кошарката.
„Искрено, кошарката веќе се движи во таа насока, со многу повеќе физичка игра, со поголема толеранција на судиите на тие контакти од одбранбените кошаркари. Тоа е тренд кон кој се движат Евролигата, лигите ширум Европа, јас лично сум навикнат и верувам дека нема да ми претставува проблем“, истакна најдобриот македонски кошаркар.