Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS), сличен на американскиот систем ESTA, воведува дополнителен слој на проверка пред патувањето.
Граѓаните кои планираат да патуваат во земјите на ЕУ од следната година ќе треба да го испланираат патувањето според новиот начин за влез и излез од ЕУ (ЕЕС) и да ги исполнат правилата од Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS. Без тоа нема да влезат во ниту една земја од ЕУ. Овие правила важат за граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ.
ЕУ неколкупати ја одложи примената на новите правила за патување. Последното одлагање е дека неговата примена ќе почне од следната година но не е утврден точниот датумот.
Новина во системот за влез и излез од ЕУ е тоа што е воведен дигитален систем за регистрација кој го заменува рачното удирање печат, а патниците повеќе нема да се потпираат на физички печати во нивните пасоши за да го наведат нивното присуство во ЕУ.
Патниците од земји ослободени од виза за ЕУ ќе треба да аплицираат за овластување ETIAS пред да влезат во ЕУ. Процесот вклучува пополнување на онлајн апликација и плаќање на такса од 7 евра, доделување овластување за патување со важност 3 години.
Треба да знаете дека во системот ќе се собираат повеќе податоци за апликантите, вклучувајќи кривични досиеја, неплатени казни или имиграциски прекршоци.
Патниците без ETIAS дозвола нема да можат ниту да се доближат до границата, но нема гаранција дека оние кои ќе поседуваат дозвола за влез ќе ја минат границата бидејќи официјалните лица на граничната контрола ја имаат последната одлука кого ќе пуштат да ја мине границата.
Апликацијата, според она што е објавено на страната на Европската комисија, ќе биде едноставна и достапна преку мобилен, таблет или компјутер, со брза обработка и електронска испорака.
Честите патници и оние кои патуваат на повеќе дестинации ќе мора да се навикнат на дополнителната проверка, но ќе уживаат во брзиот и поедноставен пристап по добивањето на одобрување за патување преку ETIAS
Со оглед дека е најавено системите да почнат да се применуваат од следната година патниците од земјите надвор од ЕУ треба да знаат и дека:
- Нивниот пасош треба да важи најмалку 6 месеци од датумот на патувањето.
- Аплицирањето на системот ETIAS треба да го направат најмалку 96 часа пред патувањето. За да не бидат соочени со потреба да го одложат своето патување и да имаат дополнителни проблеми поради тоа.
- Треба да ги следат новините во граничните процедури кои се објавуваат на официјалните веб-страници на Европската комисија.
- Престојот во Шенген зоната е ограничен на 90 дена во период од 180 дена за патниците од земјите кои не се членки на ЕУ.
- За престој во земјите од ЕУ потребно е и добро патничко осигурување, бидејќи со новиот систем може да има одложување на патувањето и други проблеми за што ќе имате и одредени трошоци.