Шпанскиот ракометен тренер Раул Алонсо ќе го предводи македонскиот ракометен првак против Фредериција во Лигата на шампионите, откако успешно дебитира во домашното првенство.
„Секој натпревар е различен посебно кога играте во Лигата на шампионите. Играчите во ова натпреварување брзо се адаптираат на новите ситуации. Фредериција е тим кој порасна во последните две сезони и беше компетитивна во данското првенство. Го имаат Гудмундур Гудмунсон, кој е еден од најдобрите светски тренери и човек кој има големо искуство. Ќе биде тешко да се игра против нив, иако победивме на гостински терен. Ова е нов натпревар и нова ситуација, имаат квалитетни дански ракометари и агресивна одбрана.
Што се однесува до подготовката, го немав потребното време, тука сум три дена и одработивме само еден тренинг. Со вкупно три тренинзи ќе влеземе во натпреварот и ќе биде натпревар со голем влог. Ќе го следиме нашиот план и растот од претходниот натпревар. Многу е важно да имаме солидна одбрана и многу интервенции на голманите. Да бидеме организирани во одбраната и тоа да ни биде појдовна точка за добар позиционен напад и транзиција. Тоа е сепак натпревар од Лигата на шампионите и ќе решаваат мали детали“, изјави шпанскиот стратег.
Средбата меѓу Еурофарм Пелистер и Фредериција се игра в среда во терминот од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“.