Кошарка

Јончевски: Се надевам дека во наредните два меча ќе забележиме барем една победа

Јончевски: Се надевам дека во наредните два меча ќе забележиме барем една победа

На денешниот собир на машката кошаркарска репрезентација селекторот Александар Јончевски ги искажа очекувањата за двата натпревари со Литванија и истакна дека неговите момци ќе дадат сè од себе за да победат барем на еден меч.

„Ова се најважните два натпревари во овој квалификациски циклус. Ситуацијата е таква што мораме да победиме на барем еден меч за да ги задржиме шансите за пласман на Европското првенство. Литванија е фаворит, јасно е дека се работи за една од највалитетните европски репрезентации. Верувам дека мечот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за Европското првенство“, коментира селекторот Јончевски на почетокот на овие мини-подготовки.

„Во моментов не можеме да се пофалиме со настапите на нашите репрезентативци, а во Скопје нема да играат Хап, Шортс и Димитријевиќ. Располагаме со кошаркари кои настапуваат во домашното првенство и во регионалната АБА 2, но и таму не забележаа поголем успех оваа сезона. Ќе се обидеме да ги изненадиме Литванците на тактички план и верувам дека ќе успееме на овие два меча да забележиме барем една победа. Притисокот е на страната на Литванците бидејќи и тие непланирано загубија еден натпревар, од . Поради тоа, картите им се отворени и ќе одат со сите сили да победат на двата меча против нас, затоа што не се сеќавам дека Литванија не била присутна на некое од последните Европски првенства“, дополни Јончевски пред новинарите во СРЦ „Кале“.

Првиот натпревар го играме в четврток, во Скопје, додека три дена подоцна гостуваме во Литванија.

To top