Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска во Приштина учествуваше на заедничката меѓувладина седница помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Косово.
Во своето обраќање на седницата, министерот Минчев се осврна на реформите во јавната администрација кои се клучен приоритет за обезбедување на ефикасно, транспарентно и инклузивно управување. Тој истакна дека споделувањето на искуствата и добрите практики помеѓу двете држави е од суштинско значење за зајакнување на капацитетите на јавниот сектор.
Во рамките на посетата, министерот Минчев оствари средба со министерот за локална самоуправа и администрација, Елберт Красниќи. На средбата беа разгледани можностите за зајакнување на билатералната соработка во повеќе области, со фокус на реформа на јавната администрација и поддршка за градење на капацитетите на јавната администрација.
Меѓувладината седница е показател за нашите добрососедски односи со Косово, соработка која ќе продолжи да се интензивира во повеќе области во интерес на граѓаните на двете земји.
Министерството за јавна администрација останува посветено на регионалната соработка како клучен елемент за успешна реализација на реформите и приближување кон европските стандарди на управување.