Промо

Што треба да знаете при избор на керамички плочки?

Во денешно време и покрај развојот на технолошките процеси за добивање нови материјали, керамичките плочки остануваат избор број еден за кујни и бањи, односно, за влажни простории, како ѕидни и подни облоги. На пазарот постојат безброј модели, како по големина, дизајн, форма, така и по материјали од кои се направени, па полека керамичките плочки стануваат омилен избор и за спални и дневни соби или ходници. Всушност, некои семејства се одлучуваат за поставување керамички плочки во целиот дом. Пред да тргнете во обиколка на салони за керамика, дознајте на што треба да обрнете внимание при изборот на керамички плочки.

Што треба да знаете при избор на керамички плочки?

Керамичките плочки се произведуваат од глина која се збогатува и термички се обработува, се меле, а потоа од неа се прави керамичка смеса. Потоа следи пресување во челични калапи под висок притисок, сушење и печење на температура од над 1000 степени.

Поради своите карактеристики, керамичките плочки се омилен избор во влажните простории. Со оглед на фактот дека претставуваат одлична комбинација со подно греење (плочките одлично издржуваат високи температури и нивните осцилации, тие се одлични спроводници на топлина), како и фактот што денес можат да се најдат во различни дезени (дури и во имитација на дрво), сè попопуларни се и во другите простории.

Керамичките плочки се исклучително издржливи и силни, отпорни на абење, едноставно и брзо се одржуваат – чистењето со влажна крпа ги намалува абразивните честички. Сепак, пред да стапите во контакт со керамичари, важно е да се обрне внимание на следниве работи:

Поделба на керамички плочки според намената

Првата поделба на керамички плочки се однесува на местото каде ќе се постават. Керамичките плочки можат да бидат подни и ѕидни. Плочките наменети за ѕидни површини не се погодни за поголеми оптоварувања и интензивна употреба, поради што не се поставуваат на под. Од друга страна, подните плочки може да се постават на ѕид, но тоа не е економски исплатливо. Зошто да ставите поскапи подни плочки на ѕидот ако нема да трпат никаков товар?

Друга поделба на плочките се однесува на тоа дали тие се ќе се поставуваат во внатрешноста или ќе се користат за отворени простори, како што се тераси. Надворешните плочки се поизложени на негативни влијанија, како снег, дожд, мраз, температурни флуктуации, отколку внатрешните. Внатрешните плочки не можат да се користат за надворешност, но надворешните плочки може да се користат во затворени простории.

Поделба на керамички плочки според завршната обработка

Површината на плочките може да биде груба, односно релјефна, што ја зголемува нивната отпорност на лизгање, може да биде мат или да има висок сјај. Во третиот случај, станува збор за глазирани плочки, на кои пред печење, им се додава слој отпорен на вода, гребнатини и дамки. За надворешни површини се користат плочки со груба текстура, односно плочки со погруба обработка на горниот слој.

Поделба на керамички плочки според димензии

Денес, керамичките плочки може да се најдат во различни големини – од најмали во форма на мозаик, до големи плочи со формат 200×100 цм. Плочките со средна големина, т.е. 30×60 цм или 60×60 цм, најдобро одговараат за помали бањи. Во овој случај, треба да се избегнуваат големи плочки бидејќи плочкарите ќе мора многу да ги сечат и кројат, а многу плочки ќе треба да се фрлат како отпад. Ако бањата е поголема, поголеми се и керамичките плочки.

Класификација на керамичките плочки според анти-лизгачките својства

Обрнете внимание на R ознака. Таа ја изразува отпорноста на лизгање на плочките. Колку е поголем бројот до буквата R, толку е погруба површината на плочката и поголеми се нејзините својства против лизгање. За надворешни простори се користат плочки означени со R10, R11 и R12.

Поделба на керамички плочки според степенот на апсорпција на вода

Обрнете внимание на уште една информација – колку керамиката апсорбира вода. Во случај на плочки за надворешна употреба, способноста за апсорпција на вода мора да биде помалку од 0,5%. Ова е важно за плочките да бидат отпорни на замрзнување во зима.

Поделба на керамички плочки според боја и форма

Денес, керамичките плочки не се достапни само во форма на квадрати и правоаголници. Тие можат да бидат со различни геометриски форми, а во последниве години особено се популарни оние во форма на шестоаголник, „саќе“.

И при изборот на боја треба да бидете внимателни. Изборот на бојата на керамичките плочки ќе влијае на целокупниот изглед на бањата, визуелната перцепција на нејзината големина, дури може да ја направи премногу „агресивна“. Исто како и кога станува збор за другите простории, и за бањата важи истото правило – за мали простори изберете светли бои за ѕидовите, а најдобар избор се плочките во бела, беж, светло сива или пастелни нијанси. Покрај тоа, бигорот е помалку видлив на светлите плочки. Темните плочки се користат во попространи бањи или за акцентирање на еден ѕид.

Актуелен избор се бели плочки во комбинација со сиви фуги, со што се истакнува нивната форма и димензии, шарени плочки со бели фуги, плочки во дезен на травертин.

 

To top