Македонија

Продлжува комисисиската расправа за Предлог- буџетот за 2025 година

Продлжува комисисиската расправа за Предлог- буџетот за 2025 година

Во Собранието денеска треба да продолжи седницата на Комисијата за финансирање и буџет на која четврти ден на дневен ред е Предлог буџетот за 2025 година, а седници треба да одржат и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за култура и туризам и собраниската Законодавно – правна комисија.

Комисиската расправа за Предлог-буџетот трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

Со Предлог-буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.

Во текот на досегашната расправа, пратениците од власта сметаат оти Предлог – буџетот е развоен и ќе ги подобрува условите за живот на граѓаните, оти се предвидува зголемување на пензиите, ќе се испочитуваат колективниот договор, а ќе има и покачување на платите во повеќе сектори, додека од опозицијата оценуваат дека нема да има подобар животен стандард на граѓаните, дека Предлог буџетот на Владата е манипулативен и нема никаква јасна визија, не е развоен туку трошковен, недомаќински, предизборен и предвидува нереален раст на БДП од 3,7 отсто.

На Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на дневен ред се Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за матичната евиденција – Прво читање, како и Годишните извештаи на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер за 2023 година, за работата на Инспекцискиот совет за 2023 година, за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци за 2023 година и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво за 2023 година.

Комисијата за култура и туризам ќе расправа по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за културата во прво читање и за Основање работна група за подготовка на Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2025 година. Денеска ќе заседава и Законодавно – правната комисија на која се неколку предлог закони.

Најнови вести од Македонија

To top