Му пишав на Илон Маск на неговата социјална мрежа Икс за да го смирам вујко ми кој беше избезумен, рече во своето сведочење, Иво Нешковиќ внук од сестра на Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка Вања Ѓорчевска. Toa, како што рече, го направил на барање на Александар, но знаел дека нема да има никаков ефект.
„Станува збор за најбогатиот човек на планетата, јас сум Иво од Скопје, но му пишав на неговата социјална мрежа и го фотографирав пишаното за да му го покажам на вујко ми и да го смирам”, рече Нешковиќ.
Тој кажа дека со Александар контактирал само околу Илон Маск и не бил во станот каде се наоѓал. Од контактите со неговата мајка бил информиран дека таткото на Вања не спие, цело време прегледува снимки, не сака да јаде и оти е вознемирен.
Пред него сведочеше и неговата мајка, сестра на Александар, Оли Нешковиќ која исто така го спомена моментот со Илон Маск.„Се јавувавме секаде, баравме снимки сите и секаде. Не на Илон Маск, да имавме број и на Бајден ќе му се јавевме”,рече сестрата на Александар.
Таа откри и дека кога се случило грабнувањето, во полиција била прашана дали нејзината снаа, Зорица Ѓорчевска била во врска со Љупчо Палевски. Таа ова го кажа одговарајќи на вкрстено прашање од самиот Палевски.
Нешковиќ беше прашана и за сопственоста на станот на улицата „Наум Наумовски Борче“. На прашањето на обвинителката таа изреагира нервозно и на висок тон, поради што беше предупредена од судијата да не биде арогатна и да одговори на прашањето.„Брат ми е сопственик на станот“,рече таа.
На дополнително прашање, кога станал сопственик Нешковиќ кажа:„Пред разводот (со Зорица Ѓорчевска)“.
Сите денешни сведоци беа прашани за улогата на Гоце Трајковски во случајот.
Сестрата на Александар рече дека Гоце дошол во станот и се вклучил во потрагага кога Зорица Ѓорчевска ѝ пишала на Кираца Трајковска, неговата мајка, дека Вања ја нема.
Како што кажа сведокот, Трајковски бил тој кој го забележал „ситроенот“ и дека нешто било сомнително со него.
Тој, според нејзиното сведочење, го поврзал „ситроенот“ со Панче Жежовски за кого имало објава на Фејсбук дека е исчезнат.
Рече дека не биле задоволни од работата на полицијата.