Свет Украина

Борел: Сакаме војната во Украина да заврши што е можно поскоро, но важно е под кои услови

„Загрижени сме дали испораката на американската воена помош ќе подлежи на услови во иднина. ЕУ мора да ги исполни своите ветувања на Украинците и да им помогне да се одбранат“, истакна Борел.

Борел: Сакаме војната во Украина да заврши што е можно поскоро, но важно е под кои услови

Сакаме војната во Украина да заврши што е можно поскоро, но важно е како, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во говорот пред европратениците во Брисел за време на дебатата посветена на реизборот на Доналд Трамп како претседател на САД.

„Потребно е трајно и праведно решение за војната во Украина. Не треба да се дозволи договор меѓу Вашингтон и Москва кој не ги зема предвид ставовите на Киев и ЕУ. Украина би ја отфрлила таквата одлука и ние мора да го сториме истото“, повика Борел.

Според него, ЕУ и дава на Украина поголема поддршка од САД, но во однос на воените набавки, САД водат со удел од 25 отсто, а ЕУ можеби ќе треба да ја пополни таа празнина откако Трамп ќе ја преземе функцијата.

Според Борел, тоа би значело дополнителни финансиски и производствени напори на европска страна.

„Загрижени сме дали испораката на американската воена помош ќе подлежи на услови во иднина. ЕУ мора да ги исполни своите ветувања на Украинците и да им помогне да се одбранат“, истакна Борел.

Според него, реизборот на Трамп покажува длабоки политички промени во САД и ќе ги преобликува односите со ЕУ. „Треба да бидеме подготвени, внимателни и да не оставаме впечаток дека сме затечени, не смееме да се плашиме“, порача тој.  (МИА)

Најнови вести од Свет

To top