Македонските ракометари остварија победа од 37-33, а селекторот КиреЛазаров по натпреварот го анализираше дуелот во СЦ „Борис Трајковски“.
„Победите треба да се сработат добро. Најтешко ни е нас на предводниците, особено со менталитет како нашиот. Повикав на претпазливост, ама не очекував дека ќе биде толку тешко. Естонците покажаа дека игра модерен ракомет. Ние сме подобри, но мораме и можеме подобро. Пробавме нов тип на игра, а ова е една опомена пред неделниот меч со Литванија. Ќе анализираме и ќе се обидеме да бидеме поподготвени.
Дресот на национален тим тежи многу, одговорноста е голема. Убаво е да се игра пред публика, но треба да се носиш со тоа. Задоволен сум од победата и начинот во еден тежок натпревар. Играчот на гостите Том ни направи проблеми, иако игра во Кувајт. Се работи за сериозен играч, тоа го презентирав на играчите. Сепак, ни даде 11 гола и не успеавме да го затвориме. Пресудно беше што го подигневме повисоко најистурениот наш дефанзивец. Изнудивме неорганизирани шутеви, па со добра контра го извлековме. Го извлековме натпреварот на квалитет, заедно со нашата публика. Победивме со четири гола разлика и задоволни сме. Од тоа што го имам гледано, Литванија е поквалитетна од Естонците. Традицијата вели дека немаме победа против нив, мора да се подготвиме добро и одиме на победа“, изјави Лазаров.