Поради штетите предизвикани од бурата Дана во регионот на Валенсија во Шпанија, под знак прашалник е одржувањето на последната трка од сезоната во Мото ГП за Големата награда на Валенсија.
Викендот на патеката Рикардо Тормо е закажан за 15-17 ноември, ама поради невремето и поплавите, кои веќе однесоа повеќе од 50 животи, голем дел од инфраструктурата околу патеката е оштетена, вклучувајќи го влезот на патеката, паркинзите и патиштата.
Раководителите на патеката известија дека започнуваат со итни поправки на инфраструктурата за да може да се одржи трката за Големата награда на Валенсија според планираното. Во случај реконструкцијата да се покаже како невозможна, постојат две опции.
Првата е да заврши сезоната во Мото ГП пред предвиденото со Големата награда на Малезија, а втората е итно да се организира резервна трка.