Со една победа и еден пораз кошаркарите на Пелистер го подготвуваат можеби клучниот натпревар во АБА2 лигата, дуелот против српски Џокер од Сомбор. Гостувањето на лидеерот во групата ги мотивира момците на Александар Петровиќ кој верува дека кадровските проблеми се минато и тимот со скоро комплетни сили ќе брка победа против Џокер.
„Ни доаѓа тим кој е во подем, и организационо, и играчки и резултатски. Очекувам добар натпревар, добра посетеност и нашите верни „Чкембари“ да ни дадат поддршка на овој натпревар. Имаме кадровски проблеми, две-три недели сме без Бојиќ, минатата недела трениравме со само 7-8 кошаркари. Не одигравме преку цела недела „пет на пет“ и тоа се рефлектираше на натпреварот во Гостивар. Денес сме сепак скоро комплетни. Нема да игра само Андрија Бојиќ против Џокер. Очекувам реакција и добра игра, бидејќи ние на домашен терен сме поинаква екипа. Имаме „шести играч“ во нашите навивачи и со добра анализа на противникот се стремиме на победа“, вели Петровиќ.