Без дилема Теа Трајковска и Таско имаа еден од највпечатливите настапи на овогодинешното 39. издание на “Макфест” со нивната композиција “Сатурн”.
Имено, Теа и Таско во културниот дом “Ацо Шопов” се појавија одлично стилизирани, а публиката во салата се изненади кога на сцената покрај нив застанаа и специјалци во маскирни униформи.
За потребите на нивната песна, двајцата млади пејачи изминатиот период снимија и доста интересен спот, поточно сцените во него се како од акционен филм во кој Теа и Таско беа главните улоги.
Нивната спојка предизвика доста интерес во јавноста, а како дошло до тоа и колку се задоволни, откриваат токму тие.
“Со Таско нѐ спои “Сатурн” а идејата и одлуката да учествуваме на “Макфест”беше многу случајна и спонтана бидејќи многу ни се допаѓаше самата песна кога ја поставивме во студио со Лазе. За спотот сакавме да излеземе малку од комфорт зона и да направиме нешто покреативно. На крај излезе мало крими филмче и мислам дека со Таско создадовме нешто различно од се што сме работеле претходно индивидуално. Веруваме дека публиката ќе го препознае во песната тоа посебно нешто што нас двајца не освои кога ја создававме” – открива Теа.
“Сакам да кажам дека ми е огромно задоволство што направивме одлична соработка со Теа. Од студио до снимање на спотот имавме многу добра енергија, и едноставно кликнавме за овој проект. Се надевам на уште соработки во иднина, а оставам сега на публиката да одлучи дали проектот е добар или не” – кратко изјави Таско.
Инаку песната се правеше во студиото на Лазар Цветковски, кој впрочем се потпипува како автор на музиката и аранжманот, додека текстот е заедничко дело на Теа и Таско.
Како резултат на одличната соработка и двајцата не ја исклучуваат можноста за повторно да се спојат и во иднина…