Настанот „Иднината на превенцијата и лекувањето на ракот на грлото на матката“, кој се одржа во Скопје, постигна историски успех со својата прва акредитација од Европскиот совет за континуирано медицинско образование (EACCME®) и одобрувањето од Ethical MedTech, потврдувајќи го неговиот висок стандард и значење за медицинските професионалци во регионот и пошироко.
Организиран од професорот д-р Горан Димитров, претседател на Македонското здружение за колпоскопија и цервикална патологија, настанот привлече над 200 учесници од целиот Балкан, вклучувајќи ги Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Косово, Словенија, Турција, Бугарија, Романија, Шведска, Грција и Унгарија. Професор д-р Димитров изрази голема благодарност до сите учесници и предавачи од различни земји за нивното присуство и ангажираност, кои помогнаа да се постигне високото ниво на успешност на настанот.
Во текот на три дена, водечки експерти и специјалисти во областа на гинекологијата и онкологијата презентираа нови истражувања, методи на дијагностика и третмани за рак на грлото на матката, со фокус на превенцијата и раното откривање. Програмата на настанот вклучи сесии за напредна молекуларна дијагностика, колпоскопија, цитологија, вакцини против HPV и третман на инвазивен карцином на грлото на матката. Делегатите ги разгледуваа предизвиците на земјите од Балканот во однос на скринингот и вакцинирањето, како и прашањата за имплементација на примарна и секундарна превенција и управување со предканцерозни лезии.
Посебно внимание беше посветено на влијанието на HPV инфекцијата врз гинеколошките тумори, при што беа презентирани резултати од истражувања за предиктивни биомаркери, скрининг на лезии, како и нови третмани за премалигни лезии кај бремени жени. Беа одржани и специјални сесии за улогата на вештачката интелигенција во подобрувањето на здравјето на жените, управување со жлезни патологии и употреба на иновативни методи како 3D ултразвук во дијагностика. Настанот ги претстави и најновите трендови во лечењето со минимално инвазивни техники и имунолошки терапии, кои отвораат нови можности за пациентите и медицинските професионалци.
Со оваа акредитација од EACCME® и одобрувањето од Ethical MedTech, настанот постави нови стандарди за медицинско образование во регионот и претставуваше платформа за соработка меѓу експерти од различни земји. Овој успех отвора можности за понатамошни напори во борбата против ракот на грлото на матката и ја зајакнува улогата на Балканот како значаен центар за медицински истражувања и иновации.