Британскиот крал Чарлс Трети, кој со сопругата Камила е во посета на Самоа, за време на церемонијата на пречекот учествуваше во традиционалното пиење на наркотичниот пијалок кава-кава, а беше прогласен и за „висок поглавар“ на тој остров во Пацификот.
На кралот му бил послужен кокос во кој имало благо наркотична кава-кава, што е вид пиво, објави Гардијан.
Благо опојниот пијалок е важен дел од пацифичката култура и локално е познат како „ава“, а поранешен вицепремиер на Австралија бил хоспитализиран откако случајно испил премногу од локалното пиво на слична церемонија во Микронезија во 2022 година.
„Господ да ја благослови оваа ава“, рекол Чарлс пред да ја проба напивката.
Ова е негова прва посета на островската држава на Тихиот Океан, која некогаш била британска колонија.
Кралската двојка подоцна го посети селото Моата, каде Чарлс стана „tui taumeasina“ или „висок поглавар“.
Кралот Чарлс е во Самоа и на состанокот на шефовите на влади на Комонвелтот, кој се одржува во Апија, каде што ќе се избере нов генерален секретар номиниран од африканска земја, во согласност со регионалните ротации на позициите, а климатските промени ќе бидат тема на разговор за време на посетата.
Британскиот монарх е на 11-дневна турнеја низ Австралија и Самоа, независните држави каде што останува шеф на државата, што е негово прво големо патување во странство откако претходно оваа година му беше дијагностициран рак.