На 27 октомври 2024 година, во с. Кучково, Општина Ѓорче Петров (кај Крстот), ќе се одржи четвртата трка со препреки во Македонија, организирана од страна на Спортското здружение Отаку. Оваа трка е уникатно искуство за сите натпреварувачи, кои ќе можат да ја тестираат физичката и психичката подготвеност соочувајќи се со повеќе предизвици долж патеката.
Предизвикот во с. Кучково е трчање во должина од 13 километри по планинска патека совладувајќи 18 интензивни препреки. Секој учесник треба да поминете низ кал, да се искачи на стрмнини, да се прекачува преку високи ѕидови, да се натпреварува во различни активности, како што се носење товар, ползење и фрлање копје.
Оваа трка е предизвик, но истовремено претставува и трка за самонадминување.
Трката со препреки (OCR) има цел да промовира спорт и рекреација, притоа промовирајќи ги и природните убавини и вредности во Македонија. По завршувањето на трката, ќе се одржи церемонија за наградување на најдобрите во категориите: мажи, жени и тимови.
Ги покануваме сите љубители на спортот, авантурата и природата во недела во 11 часот кај Крстот во с. Кучково да ги бодрат натпреварувачите и да уживаат во единствената трка со препреки.
Подгответе се за адреналин, кал и многу забава!