„Мостови на уметноста: Вевчани – Белград“ е насловена изложбата што вечерва ќе биде отворена во галеријата „O3one“ во Белград, во организација на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“.
На изложбата, како што информира Ефимија Угриновска Кукоска од Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања” ќе бидат претставени уметнички дела на повеќе од 25 македонски и српски уметници, кои преку својот творечки израз ќе го доловат духот на заедништвото, дијалогот и креативната енергија што ја врзува уметноста во овие две држави.
– Изложбата е резултат на долгогодишната успешна соработка меѓу уметничките заедници на двете земји, поттикната од Министерството за култура и туризам и амбасадите на двете држави. Со оваа културна манифестација се оддава почит на македонската уметност и се гради платформа за понатамошна соработка и размена на идеи помеѓу уметниците од Регионот, истакна Угриновска Кукоска.
Изложба се одржува по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, а целта е акцентирање на културното поврзување меѓу Македонија и државите од регионот.
– Ги покануваме сите љубители на уметноста да ја посетат оваа уникатна изложба и да уживаат во креациите кои ја отсликуваат богатата културна традиција на Македонија и Србија, нагласи Угриновска Кукоска.
Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ изминатите 15 години прерасна во значајна културна манифестација на која учествувале повеќе од 200 ликовни имиња кои поттикнуваат креативност, соработка и културна размена на народите.