Рок-легендата Џон Мајкл – „Ози“ Озборн е примен како солоизведувач во Куќата на славните на рокенролот во САД. Веќе легендарниот „Принц на темнината“, како што гласи неговиот сценски прекар, доби овации од сите 20.000 присутни во салата во Кливленд. Глумецот Џек Блек му го врачи признанието.
-Би сакал да им се заблагодарам на сите оние кои гласаа за мојот избор за Куќата на славните на рокенролот како солоизведувач. Ви благодарам од сѐ срце! Моите обожаватели ми беа така лојални низ годините и не можам доволно да им се заблагодарам. Исто така, морам да кажам дека имав среќа да свирам со некои од најголемите светски гитаристи, тапанари и басисти, од кои неколку се и тука вечерва. Но, морам да истакнам уште една работа за еден човек по име Ренди Роудс – да не го запознаев Ренди, мислам, немаше да бидам овде во овој миг, рече речиси 76-годишниот Ози.
Тој притоа му се заблагодари и на семејството – сопругата Шерон, ќерка му Кели и нејзиниот син Сидни, кои седеа во публиката.
Патем, гитаристот Роудс му помогна на Ози да ја продолжи својата рок-кариера откако беше исфрлен од британскиот хеви-метал бенд „Блек сабат“ во 1979 година. Свирачот почина во 1982. – на само 25 години.
Рокенрол Куќата на славните – музејот во Кливленд што ја документира историјата на рок-музиката, укажува на нејзиното културно значење и им укажува чест на клучните рок-протагонисти во историјата. Но првиот услов за влез во оваа елита, е музичарот да го имал своето прво официјално издание најмалку 25 години претходно. Годишно се избираат меѓу пет и седум изведувачи. Номинирани се и уметници од други музички жанрови, како што се кантри, блуз, џез, госпел и фолк, кои влијаеле на рокот во раната фаза на развој.
Уметниците се номинирани секоја година од комисија составена од рокенрол историчари и избрани од меѓународно гласачко тело од 500 експерти. Така, првата генерација музичари беше примена во Куќата на славните во 1986 година, почнувајќи од Чак Бери. (МИА)