Македонија македонија

Филков: Ја разбирам нервозата на Лога

Министерот за правда Игор Филков останува зад кажаното на вчерашната прес-конференција за работата на неговиот претходник Кренар Лога за кого наведе дека му оставил празен кабинет од каде недостасувале клучни документи меѓу кои и оригиналниот документ од Брисел од Оценската мисија на Европската комисија за работата на Судскиот совет, а му оставил стотици чадори, торби, маици и чаши, како и неплатена фактура за нив во висина од речиси милион денари.

Филков: Ја разбирам нервозата на Лога

Министерот за правда Игор Филков останува зад кажаното на вчерашната прес-конференција за работата на неговиот претходник Кренар Лога за кого наведе дека му оставил празен кабинет од каде недостасувале клучни документи меѓу кои и оригиналниот документ од Брисел од Оценската мисија на Европската комисија за работата на Судскиот совет, а му оставил стотици чадори, торби, маици и чаши, како и неплатена фактура за нив во висина од речиси милион денари.

– Сè што имав да кажам во врска со работата на мојот претходник, кажав вчера и стојам зад тоа. Ја разбирам неговата нервоза, но понатамошниот дијалог ќе се одвива преку надлежните органи – кусо прокоментира Филков.

Вчера ексминистерот Лога преку објава на Фејсбук реагираше на обвинувањата изнесени од актуелниот министер Филков, објаснувајќи зошто немало официјално примопредавање меѓу министрите и обвинувајќи ја за тоа и за другите недоследности шефицата на кабинетот, Радица Лазареска Геровска.

„Писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат, исто како што го добија и вицепремиерот Маричиќ, претседателот на Судски совет Сашко Георгиев и други. Еден дел од писмото беше наменет за јавноста, додека другиот беше класифициран само за министерот. Тоа писмо е архивирано од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали, но, нормално, Радица не може да го добие додека нема безбедносен сертификат. Истото писмо, со дозвола на Мисијата, е споделено и со работната група, односно со претседателот академик Владо Камбовски. Возниот парк е ист со оној што го користеле и претходните министри“, напиша Лога.

Тој објасни дека чадорите и другиот репрезентативен материјал биле порачани за потребите на кампањата за бесплатна правна помош.

„Министерството нема долгови, бидејќи навреме беа подмирени сите фактури. Наместо да бидете среќни што го имате материјалот со кој јас не располагав, вие неосновано критикувате зошто сите тие материјали се двојазични, односно и на албански јазик. Двеста чадори се наменети за кампањата за бесплатна правна помош, заедно со Советот на Европа. Лаптопот е во ПР канцеларијата, другиот е кај преведувачите, тротинетот е во едно од одделенијата за бесплатна правна помош, а телефоните, добиени преку субвенција, се распределени на оние кои најмногу работат и се евидентирани на телефонските броеви“, напиша Лога.

Ова објаснување на Лога е одговор на обвинувањата од неговиот наследник Филков.

– Затекнав сериозно испразнети финансиски ресурси, непостоење на евиденција за добивање на користење на мобилни телефони, лаптопи и електрични скутери од страна на мобилниот провајдер што укажува на персонификација на мојот претходник со институцијата Министерство за правда. Нефунционален возен парк и слободно можам да кажам девастирана функционалност на Министерството за правда – рече Филков.

Министерот Филков зборувајќи за злоупотребите на Лога, најави дека ќе бара одговорност. Лога, пак, го повика Филков на јавна дебата и во последната објава на Фејсбук ја искористи латинската изрека „Sapere aude!“ покрај фотографијата на министерот за правда за да му порача: „Осмели се да бидеш мудар“.

Најнови вести од Македонија

To top