Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со Клаус Нојкирх, директор за координација на програми при Советот на Европа, на која беа разгледани клучните приоритети на Северна Македонија, во контекст на европските интеграции и стратешката соработка со Советот на Европа.
Како што соопштија од Министерството за европски прашања, министерот Муртезани ја нагласил посветеноста на Владата за понатамошно зајакнување на владеењето на правото, унапредување на демократските процеси и заштитата на човековите права – области кои се темелот на мандатот на Советот на Европа.
Тој истакнал дека соработката со Советот на Европа е од клучно значење за спроведувањето на реформите во судството и борбата против корупцијата, со цел исполнување на највисоките европски стандарди и поддршка на нашиот европски пат.
Во фокусот на разговорот биле заедничките програми на Европската Унија и Советот на Европа, како што е „Хоризонталниот инструмент за Западен Балкан и Турција“, кои активно ги поддржуваат реформските процеси во земјата и регионот.
Муртезани и Нојкирх разговарале и за ангажманот на Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) и Групата на држави против корупцијата (GRECO), кои обезбедуваат континуиран надзор и техничка поддршка во овие клучни сектори.
-Соговорниците ја истакнаа значајната улога на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје во спроведувањето на проектите и мониторингот на напредокот на терен, со цел да се обезбеди имплементацијата на највисоките стандарди во пракса, се вели во соопштението од Министерството за европски прашања.
Министерот Муртезани и директорот Нојкирх се согласиле дека заедничките напори ќе продолжат со уште посилна динамика, имајќи ги предвид приоритетите на новата Влада и неопходноста од реформски прогрес кој ќе ја приближи Северна Македонија до нејзината крајна цел – членството во Европската Унија.