Свет турнеја

„Планот за победа“ на Зеленски за 36 часа претставен во Лондон, Париз, Рим и во Берлин

Четврта цел на Зеленски, според Политико е да ја убеди Германија да испорача крстосувачки проектили Таурус. Претходно, германскиот канцелар Олаф Шолц категорички одби да и испорача на Украина ракети Таурус.

„Планот за победа“ на Зеленски за 36 часа претставен во Лондон, Париз, Рим и во Берлин

Откако претседателот на САД, Џо Бајден поради ураганот Милтон утре нема да допатува во американската воена база Рамштајн, каде требаше да претседава со Украинската одбранбена контакт група, украинскиот претседател Володимир Зеленски тргна на европска турнеја.

На утрешната средба беше предвидено да се координира воената помош за Киев, а Зеленски на едно место да им се обрати на своите клучни сојузници и да им го претстави својот „план за победа“.

Зеленски во рок 36 часа ги посети Лондон, Париз, Рим, Ватикан, а турнејата, чија цел е да обезбеди дополнителна воена помош, треба да ја заврши во Берлин.

Украинскиот претседател вчера во Лондон им го претстави планот на британскиот премиер Кер Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

Зеленски истакна дека неговиот план „има за цел да создаде услови за праведен крај на војната и Украина да може да преговара само од силни позиции“. Тој повторно побара дозвола Украина да може да го користи донираното оружје за напади врз руска територија, со што не се согласуваа САД.

– Правно е мопжно, бидејќи на Украина и е дозволено да го употреби своето оружје, ако може да погоди цели во Русија и ако тие цели претставуваат закана за Украина. Сепак, одлуката за ова секогаш зависи од поединечните сојузници, истакна Руте.

Претседателот на Украина истото го побара и на средбата во Париз со францускиот претседател Емануел Макрон и на состанокот со италијанската премиерка Џорџа Мелони во Рим.

Мелони истакна дека Италија силно ја поддржува Украина, но оти е италијанско оружје не може да се употреби за напади на руска територија.

Зеленски по средбата со папата Франциск во Ватикан ќе отпатува за Берлин каде се предвидени средби со германскиот канцелар Олаф Шолц и со претседателот Франк-Валтер Штајнмајер.

Соработникот на Зеленски, Дмитро Литвин ги демантираше гласините дека украинскиот претседател на турнејата по европските градови се обидува да договори примирје.

– Имаме план за победа, кој има за цел да го промовира спроведувањето на мировната формула. Не зборуваме за ништо друго, истакна Литвин.

Според порталот Политико, турнејата на Зеленски има пет цели.

Како прва цел се наведува членството на Украина во НАТО, но според Политико „нема да биде едноставно да се добие јасна покана во брзо време“. Северноатлантската алијанса претходно соопшти дека Украина е на пат еден ден да стане членка, но нема временска рамка, а помеѓу скептиците за членство се САД и Германија.

Втор цел е заштита на украинскиот воздушен простор од страна на западните сојузници поред се Полска и Романија, чија противвоздушнаодбрана би соборувала руски дронови и проектили над Украина. Политико оценува дека и овој план на Зеленски тешко може да се реализира оти сојузниците се загрижени да не влезат во директен конфликт со Русија.

Трета цел е Украина да може да напаѓа цели во Русија со донираното оружје, но сојузниците стравуваат дека тоа може да ја прошири војната дури од Москва да уследи нуклеарен одговор.

Четврта цел на Зеленски, според Политико е да ја убеди Германија да испорача крстосувачки проектили Таурус. Претходно, германскиот канцелар Олаф Шолц категорички одби да и испорача на Украина ракети Таурус.

Во меѓувреме Берлин најави нова воена помош за Украина во висина од 1,4 милијарди евра.

Според Политико, петтата и цел која има најголеми изгледи за реализација е Украина да почне да инвестира во сопствената индустрија за оружје, што ќе ја зајакне нејзината економија и ќе ја снабди со оружје што може да го користи против Русија.

Одбранбените компании како што се „Рајнметал“, „Намо“ и „Сааб“ веќе се согласија за некаква форма на локални програми за производство на артилерија и оклопни возила.

Најнови вести од Свет

To top