Живот и Стил

Во октомври 1582 година недостасуваат 10 дена

Во октомври 1582 година недостасуваат 10 дена

Корисниците на современите мобилни телефони, програми и апликации денес забележуваат невообичаено несовпаѓање во календарот, „враќајќи се“ наназад во 1582 година. Имено, токму во таа година од доцниот среден век, по 4-ти следи 15. октомври.

Но, тоа не е грешка на современата технологија. И историјата потврдува: Тие 10 дена никогаш не постоеле, пишува „ИФЛ сајенс“ (IFLScience).

Имено, во октомври 1582, Католичката црква го усвоила Грегоријанскиот календар. Пред тоа, поголемиот дел од Европа го користел Јулијанскиот календар, воведен уште од римскиот државник и владетел, диктаторот Гај Јулиј Цезар во 45 г. п.н.е. Календарите се многу слични, оти и двата се тн. сончеви календари со по 12 месеци и 28 до 31 ден во секој од нив, т.е. вкупно 365 дена во годината, со „престапен“ ден повеќе, додаден во февруари секоја четврта година…

Која е разликата? Главната разлика лежи во престапната година. Според Јулијанскиот календар, на секои четири години се додава ден во календарската година. Слично, и следејќи го Грегоријанскиот календар, се прави тоа, освен ако бројот што ја означува годината не е делив со 400 и со 100. Или, попросто кажано: Ако бројот на годината завршува со 2 нули, февруари повторно има 28 дена.

Тоа е поврзано и со одредувањето на времето и датумот на Велигден.

Имено, според Соборот во Никеја во 325 г. н.е. и Јулијанскиот календар, Велигден треба да се слави во првата недела по првата полна месечина по пролетната рамноденица на 21. март. Меѓутоа, како што минувале вековите, пролетната рамноденица се оддалечила од овој датум. Така, во 16. век, пролетната рамноденица се случувала околу 11. март, што предизвикувало нарушувања околу времето на Велигден.

За да се разреши оваа аномалија, католичкиот папа Григориј XIII го вовел Грегоријанскиот календар којшто претежно важел за државите во Западна Европа. За да се усогласи новиот календар со движењето на Сонцето, едноставно биле исфрлени 10 дена од 1582 година. Октомври бил избран како месец за скусување, бидејќи во тие 10 дена немало важен настан во христијанскиот календар.

Така, по празникот Ден на Свети Франциско од Асизи на 4. октомври, утредента веќе било 15. октомври.

Историјата многу подробно го објаснува тоа. Се чини, технологијата и паметните телефони само нѐ потсетуваат дека деновите од 5. до 14. октомври 1582 година, едноставно – навистина не постоеле.

To top