Премиерот на Република Србија, Милош Вучевиќ утре со владина делегација ќе ја посети Република Македонија каде ќе оствари средба со премиерот Христијан Мицковски, а ќе се потпише Меморандум за разбирање и соработка во областа на гасот, јави дописникот на МИА од Белград.
Според соопштението од Владата на Р. Србија, српскиот премиер ќе биде пречекан во 10:00 часот пред зградата на Владата на Македонија, по што ќе следи тет-а-тет средба меѓу премиерот на Македонија Христијан Мицкоски и премиерот на Република Србија Милош Вучевиќ.
По средбата на двата премиера, предвидена е средба на делегациите на Владата на Македонија и Владата на Република Србија. Потоа ќе се потпише Меморандум за разбирање и соработка во областа на гасот помеѓу Министерството за рударство и енергетика на Република Србија и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија.
Предвидени се и изјави за медиумите на премиерите Вучевиќ и Мицкоски.
Како што соопштија од Владата на Србија, премиерот на Република Србија, Милош Вучевиќ, ќе има обраќање и на собирот на кој ќе присуствуваат претставници на српските здруженија, културно-уметнички друштва, политички партии, како и српски компании кои работат во Македонија.