Одложено е судењето за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес затоа што еден од обвинетите, Боре Видевски е хоспитализиран на Клиниката за нефрологија.
„ЈЗУ Универзитетска клиника за Нефрологија – Скопје на 2.10.2024 година го извести Основниот кривичен суд Скопје, дека притвореникот Б.В., кој е еден од обвинетите во предметот, од КПУ Затвор Скопје е префрлен и хоспитализиран во наведената клиника заради влошена здравствена состојба. Имајќи го предвид известувањето, а заради економичност и ефикасност на постапката, расправите насрочени за 7 и 9 октомври 2024 година ќе бидат отповикани, а судењето ќе продолжи на следниот, веќе насрочен термин, на 14.10.2024 година во 10:00 часот, за што странките во постапката се веќе известени“, соопшти Кривичниот суд.
На следното рочиште треба да сведочи мајката на убиената Вања, Зорица Ѓорчевска.
На првото рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се изјаснија дека не се виновни.