Скопје

Средното училиште од Драчево СУГС „Браќа Миладиновци“ беше домаќин на Втората регионална средба на земјоделско-ветеринарни училишта

Средното училиште од Драчево СУГС „Браќа Миладиновци“ беше домаќин на Втората регионална средба на земјоделско-ветеринарни училишта

Изминативе два дена, во Скопје се одржа Втората регионална средба на земјоделско-ветеринарни училишта, чиј домаќин беше средното училиште СУГС „Браќа Миладиновци“.

На средбата присуствуваа осумдесетина директори и професори по стручни предмети на средни училишта од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија.

Поводот за средбата беше намалениот интерес за изучување на земјоделско-ветеринарната струка, а целта е да се дојде до заклучоци и практични решенија како да се зголеми интересот за изучување на истата.

Со таа цел, училиштето покани врвни италијански компании од областа на агрономијата и шумарството. Тие на присутните, преку видео презентации ги претставија последните достигнувања од областа: вертикални градини, хидропоника, дронови за детектирање и спречување пожари и.т.н.

Со видео врска се вклучија дел од водечките луѓе на компаниите Хидромеханика Лукини (Матео Лукини) и Вектор Роботикс (Габриеле Џорџини); но и поздравно писмо од италијанскиот проф. д-р Рикардо Валентини, добитник на Нобелова награда за истражувањата од областа на климатските промени.

На настанот се обрати и македонскиот бизнисмен и иноватор од областа на хидро и хортикултурата, г. Зоран Весковски. Компанијата Китка и училиштето имаат долгогодишна соработка преку дуалното образование.

Впечатливо излагање имаше проф. д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје, воедно и професор на Медицинскиот факултет. Таа во една прекрасна сентенција наречена “Едно здравје” (One Health), нераскинливо ги спои производството на храна, ветеринарната контрола и севкупното здравје на населението.

Секоја од земјите учеснички ја презентираше својата стратегија и искуства во надминување на проблемот со намеалениот интерес за изучување на струката.

На крај се донесе заедничка декларација дека взаемното вмрежување и меѓународните искуства неминовно ќе ги насочат погледите кон овие неопходни, незаменливи и безвременски струки. Но, овие струки мораат да ги следат глобалните трендови за унапредување, кои ги наметнуваат климатските промени. Земјоделското производство во иднина се повеќе ќе се одвива во контролирани услови со примена на дигитална технологија, а тоа од друга страна јасно ја истакнува потребата за обучени кадри кои своето знаење ќе го применат во пракса. Токму затоа застарената слика дека земјоделското производство е тешка и макотрпна професија која повеќе не ги привлекува младите генерации, треба да се менува во друг правец и да се креира новата слика за потребата од дигитално земјоделско производство. Образовните програми треба да се надополнат со нови смерови кои ќе ги едуцираат младите токму за примена на дигитална технологија во земјоделско производство, што ќе има двоен бенефит. Од една страна, младите повторно ќе ја засакаат оваа струка, а од друга страна земјоделското производство ќе биде модерно, одржливо и се попрофитабилно.

Настанот помина во убава и конструктивна атмосфера, благодарение на посветеноста на сите учесници кои успешно ги координираше г. Алберто Погорелц од Италија, Сениор експерт за одржлив развој, кој ја прифати поканата на училиштето да помогне во организација на Средбата.

Третата средба е закажана за наредната година во Република Хрватска.

Најнови вести од Скопје

To top