Велика Британија објави дека по повеќе од половина век се откажува од суверенитетот на група оддалечени, но стратешки важни острови во Индискиот Океан.
Договорот, кој беше постигнат по долги години преговори, имплицира дека Британија ќе ги предаде островите Чагос на Маурициус.
Меѓу нив е и тропскиот атол Диего Гарсија, кој американската влада го користи како воена база за својата морнарица и бомбардери.
На овој начин ќе се стави крај на децениските, честопати тешки преговори меѓу двете земји.
Американско-британската база ќе остане на островот Диего Гарсија, кој беше клучен за постигнување договор во време на растечко ривалство меѓу западните сили, Индија и Кина во регионот.
Договорот допрва треба да се формализира во форма на договор, но двете страни ветија дека ќе биде завршен што е можно поскоро.
„Ова е клучен момент во нашите односи и показател за нашата континуирана посветеност за мирно решавање на споровите и владеењето на правото“, се вели во заедничката изјава на премиерите на Велика Британија и Маурициус, Кир Стармер и Правинд Јуњот.
Лидерите исто така изјавија дека се посветени на „долгорочно, безбедно и ефективно работење на постоечката база на островот Диего Гарсија, која игра клучна улога во регионалната и глобалната безбедност“.
Според договорот, Велика Британија ќе обезбеди финансиска помош за Маурициус, вклучувајќи годишни плаќања и инвестиции во инфраструктурата.
Маурициус ќе може да започне програма за повторно населување на архипелагот Чагос, но не и на островот Диего Гарсија.
На овој остров Велика Британија ќе обезбеди функционирање на воената база за „почетен период“ од 99 години.
Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави „историскиот договор“, велејќи дека тој покажува дека „преку дипломатија и партнерство, земјите можат да ги надминат долгогодишните историски предизвици за да дојдат до мирни и заемно корисни решенија“.
Френки Бонтемпс, кој е имигрант од втората генерација од островите Чагос во Велика Британија, рече дека се чувствува „изневерен“ и „лут“ затоа што жителите на островот Чагос „никогаш не биле вклучени“ во преговорите.
„Сè уште сме немоќни и немаме глас во одлуките за нашата иднина и иднината на нашата татковина“, изјави тој за Би-Би-Си.
Во последниве години, Велика Британија има се помалку поддршка за своите претензии за оваа група острови.
Неколку тела на Обединетите нации застанаа на страната на Маурициус, барајќи од Британија да го предаде она што некои го нарекуваат „последна колонија во Африка“.
Владата на Мавриција инсистираше на тоа дека е принудена да се откаже од островите Чагос во замена за сопствената независност од Велика Британија во 1968 година.
Во тој момент британската влада веќе постигнала таен договор со Америка да дозволи најголемиот атол Диего Гарсија да се користи како воена база.
Подоцна Британија се извини за насилното протерување на повеќе од 1.000 островјани и вети дека ќе му ја предаде територијата на Маурициус кога таа повеќе нема да биде стратешки важна.
Преговорите, кои доведоа до договорот во четвртокот, ги започна претходната влада.
Моментот во кој е постигнат договорот е последица и на актуелните меѓународни односи.
Велика Британија сака да ги отстрани островите Чагос како пречка за добивање поголема глобална поддршка, особено од Африка, во време кога е можно Доналд Трамп повторно да стане претседател на Америка.