Македонија

МАКЕДОНИЈА ВО ЦРНО: Ова се трите загинати лица во тешката сообраќајка

МАКЕДОНИЈА ВО ЦРНО: Ова се трите загинати лица во тешката сообраќајка

Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава.

-Со длабока болка, тага и неизмерна жалост, ја примивме веста за тешката загуба на нашиот медицински персонал, кој денес загина во сообраќајна несреќа. Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп. Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност. Со соодветен комеморативен настан, Болница Плодност ќе им оддаде почит на трагично загинатите колеги, велат од Болницата Плодност.

МВР информираше дека утрово во 7 часот и 51 минута, на патот Прилеп-Битола кај селото Лагово, се судрија патничко возило „тојота“ со прилепски регистарски таблички управувано од Н.В. (42) од Прилеп, со сопатниците А.Р. и Ф.Ј., сите од Прилеп, и товарно возило „волво“ со скопски регистарски таблички управувано од Г.Р. (51) од Битола. Патничко возило се движело во правец кон Битола, а камионот се движел во обратен правец кон Прилеп.

„Во несреќата патничкото возило се запалило и на самото место починале тројцата патници. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош во Прилеп“, се вели во соопштението од МВР.

На местото на несреќата се врши увид од страна на јавен обвинител и полициски службеници од ОВР Прилеп. Сообраќајот на магистралниот пат Битола-Прилеп е затворен за сообраќај во двата правци.

Најнови вести од Македонија

To top