Каде и да оди Жозе Мурињо, тој мора да биде во центарот на вниманието. Тоа е неговиот систем на работа, од кој не се откажува и сега откако седна на чело на турскиот клуб Фенербахче, каде е во постојан конфликт со новинарите.
Клубот од Истанбул неодамна беше поразен од градскиот ривал Галатасарај, а во четвртокот вечерта триумфираше над Унион Сент Жилоа во Лигата на Европа и Португалецот уште еднаш влезе во расправија со новинарите.
„Не знам колку работиш, но јас работам најмалку 12 часа на ден. Спијам во спортскиот центар затоа што сум фокусиран на работата. Видете, освоив трофеи во сите клубови каде што бев тренер, освен во Тотенхем, од каде си заминав два дена пред финалето на Купот. Знаете кога се освојуваат тие трофеи? Во јуни, не во септември“, рече Мурињо.
Португалецот не застана тука, туку продолжи да се расправа со новинарите на кои им порача дека се најголемите инфлуенсери на светот и дека треба да внимаваат што пишуваат и зборуваат.
„Истанбул е убав град, но сè уште не сум го посетил бидејќи не сум тука на одмор туку на работа. Но, знаете што – кога ќе победите, не одите на Месечината, а кога губите, не одите во пеколот. Тоа е мојата филозофија, иако гледам дека многумина би не испратиле во пеколот, вие новинарите сте тие кои го креирате јавното мислење, вие влијаете на навивачите и вашата одговорност е огромна“, рече Моу.
Фенербахче натпреварот со Унион го заврши со триумф од 2-1.