Македонија ЕПФ

ЕУ одобри 13 милиони евра помош за македонската Армија

Таа ја одразува доследната посветеност на партнерите за унапредување на нивната соработка во оваа политичка област, имајќи ја предвид целосната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се додава во соопштението.

ЕУ одобри 13 милиони евра помош за македонската Армија

Советот на ЕУ денеска донесе одлука за одобрување на помош во рамки на Европскиот мировен фонд (ЕПФ) во износ од 13 милиони евра наменети за зајакнување на капацитетите и способностите на Армијата на Република Македонија (АРМ).

– Мерката за помош ќе ги зајакне капацитетите на Македонија за нејзино учество во операциите и мисиите во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и другите меѓународни мисии, соопшти Советот на ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во соопштението се нагласува дека оваа одлука дополнително ја илустрира зголемената поврзаноста на ЕУ со земјава во областа на безбедноста и одбраната.

– Таа ја одразува доследната посветеност на партнерите за унапредување на нивната соработка во оваа политичка област, имајќи ја предвид целосната усогласеност на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се додава во соопштението.

Согласно одлуката, ЕПФ за АРМ ќе обезбеди технологии наменети за разузнавање, надзор, извидување, електронско војување и сигнално разузнавање, потоа логистичка и инженерска опрема, како и комуникациски и информациски системи, а ќе обезбеди и техничка обука за користење на опремата.

Европскиот мировен фонд е основан во март 2021 година за финансирање на активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ насочени кон спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.

Преку ЕПФ, ЕУ финансира активности наменети за зајакнување на капацитетите на трети држави и регионални и меѓународни организации поврзани со воени и одбранбени прашања.

Најнови вести од Македонија

To top