Во рамки на Европска конвенција на шефови на полиции (European Police Chiefs Convention – EPCC) што вчера и денес се одржува во седиштето на Европол –Хаг, во Холандија, денеска (25.09.)директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, оствари билатерални средби со директорката на Европол Катарина Де Бол и директорот за операции на Европол – Жан Филип Лекуф.
Притоа на овие средби од страна на директорот Јанев беа актуелизирани прашања од стратешки интерес, односно трите клучни столба кон кои што ќе бидат насочени сериозни напори и соодветни ресурси во нивна реализација: борбата против организираните криминални групи, кои се активни во регионот, но и на меѓународно ниво; потоа реорганизација на полициските служби, во насока на поголема и подобра искористеност на постоечките капацитети, пред се во интерес на подобрување на безбедноста на граѓаните; како и техничка модернизација на полициското работење, преку дигитализација на одредени процеси (воспоставување на нови системи за управување со случаи и управување со документи) и воведување на иновативни методи за справување со растечките предизвици од сериозниот и организиран криминал.
Исто така, особено на средбата со првиот оперативец на Европол г-динот Лекуф, директорот Јанев се осврна на договореното упатување на наши полициски истражители во Европол, што ќе работат со оперативни аналитичари од Европол и од други засегнати држави на заеднички меѓународни истраги, што е од исклучително значење како уште една потврда за решеноста на македонската полиција конкретно и практично да биде сериозен и кредибилен партнер во меѓународната полициска соработка крајно посветени на борбата против транс-националниот криминал.