Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси вчера му вети на украинскиот претседател Володимир Зеленски помош за купување нуклеарна опрема од Бугарија.
– МААЕ ќе ѝ даде на Украина техничка поддршка и совети за нуклеарна безбедност во врска со нејзините планови за купување опрема за нуклеарната централа Хмелницки, наменета за суспендираниот проект за изградба на АЕЦ „Белене“ во Бугарија. Ова ќе и помогне на Украина да се осигури дека спроведувањето на овој проект ќе продолжи во согласност со безбедносните стандарди, се наведува во соопштението на МААЕ.
Предвидено е Украина да купи два нуклеарни реактори и друга опрема од руско производство.
Гроси и Зеленски разговараа и за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија. Предвидено е шефот на МААЕ, петти пат од почетокот на војната, да ја посети најголемата нуклеарна централа во Европа.