Висок член на Хамас изјави дека позитивно ќе одговорат на секој предлог што може да ги гарантира нивните услови – траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел од Појасот Газа, јавија денеска израелските медиуми.
Овие коментари доаѓаат по претходните изјави на американскиот претседател Џо Бајден кој рече дека конечниот договор за ослободување на заложниците кои ги држи палестинската терористичка група Хамас во Газа е многу блиску, но дека тој не мисли дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прави доволно за да обезбеди таков договор.
Бајден разговараше со новинарите во Белата куќа откако израелските сили изминатиот викенд пронајдоа тела на шест заложници, меѓу кои и 23-годишниот Израелец роден во САД, Херш Голдберг-Полин.
Нивните тела беа извлечени од тунел во Газа, каде што, како што се наведува, биле убиени од членови на палестинскиот Хамас.
Тоа предизвика критики за стратегијата на администрацијата на Бајден за прекин на огнот во Газа и го зголеми израелскиот притисок врз Нетанјаху да ги врати преостанатите заложници дома.
На прашањето дали мисли дека Нетанјаху прави доволно за да го обезбеди договорот за заложниците, Бајден одговори „не“, но не даде други детали. (МИА)