Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами, ја посетија Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) во Тетово, при што остварија средба со претставниците на НОРМАК и компанијата Киел Македонија.
Во рамки на посетата, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши заедно со градоначалникот на општината Билал Касами, директорот на Бирото за регионален развој како и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот ја посетија фабриката Киел, при што на менаџментот на компанијата ја предадоа употребната дозвола за работа во индустриската зона во Тетово.
Со оваа дозвола, компанијата Киел Македонија започнува со работа во новата фабрика која се наоѓа во тетовскиот регион.
Киел Македонија е водечки производител на седишта за возови и автобуси. Во новиот производствен погон во Тетово, кој се простира на површина од 7500 метри квадратни, планирано е отворање на 300 нови работни места во полошкиот регион.
Новата инвестиција во ТИРЗ Тетово во нов модерен објект, според потребите на клиентите и индустријата, се проценува на 9 милиони евра. Во фабриката во ТИРЗ Тетово во моментот се вработени 40 лица, додека вкупниот број на вработени во двете фабрики на Киел Македонија во Тетово е 170.
Групацијата преку Киел Македонија планира во новиот објект, покрај зголемувањето на производството, да се прошири и во областа на заварување на метални конструкции, производство на пена и боја, со што ќе се финализира комплетно производството на седишта за возови, додека како центар на сето ова, е планирана Република Северна Македонија.
Пред медиумите министерот Дурмиши рече: „Сакам да му честитам на менаџментот на Киел Македонија што за кратко време инвестираа и изградија нова фабрика во Тетово која ќе донесе нови технологии, нови работни места и секако девизен прилив во земјата. Министерство за економија и труд и јас како министер, во наредниот период интензивно ќе работиме на подобрување на бизнис климата во земјава. Веќе почнавме со измените во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со што сакаме да овозможиме потранспарентен модел за доделување на државната финансиска поддршка, за сите компании кои инвестираат, вработуваат, растат и се развиваат“.