Македонија

Бруцошите од првиот месец ќе добиваат субвенциониран оброк и нема веќе дискриминација за стипендии за втор циклус

Бруцошите добиваат право на субвенциониран оброк уште од првиот месец на студиите, а студентите што се на интегрирани студии од 3+2 години ќе имаат право да аплицираат за стипендии за втор циклус на студии. Министерството за образование и наука ги прифати овие барања на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Бруцошите од првиот месец ќе добиваат субвенциониран оброк и нема веќе дискриминација за стипендии за втор циклус

Министерката Весна Јаневска изјави дека младите се приоритет на оваа Влада, а тоа значи дека нивниот глас се слуша при креирањето на политики.

„Универзитетското студентско собрание ни достави три барања, од кои две прифативме веднаш. Така, студентите кои годинава се запишуваат во прва година, до 5 септември можат да аплицираат за студентски оброк. Јас ги повикувам сите бруцоши кои се надеваат дека ќе стекнат статус на студенти, да го искористат овој рок и да аплицираат“, рече министерката Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по работната посета на основното училиште „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.

Објасни дека министерството по службена должност ќе направи проверка дали апликантите стекнале статус на редовни студенти.

Со измени во Правилникот за начинот и постапката за финансирање, создавање и усовршување на научно – истражувачките кадри, Министерството за образование и наука ќе ја спречи дискриминацијата што досега ја имале студентите на интегрирани студии од 3+2 години, кои не можеа да аплицираат за стипендии за втор циклус на студии. Министерката Јаневска изјави дека и на ова барање на студентите, веднаш одговориле позитивно.

„Студентите доставија и барање за усвојување на Закон за младински стандард. Нивниот предлог е неопходно подетално да го погледнеме, но, се надевам, дека во најскоро време и тоа ќе го завршиме“, рече министерката Јаневска.

Најнови вести од Македонија

To top