Колумни Култура и туризам

Култура и туризам

Една од добрите работи кои од концептуално до практично ниво почна да се реализира од самиот старт на новата Влада, е спојувањето на ресорите на културата и туризмот.

Култура и туризам

Една од добрите работи кои од концептуално до практично ниво почна да се реализира од самиот старт на новата Влада, е спојувањето на ресорите на културата и туризмот.

Лично, на оваа тема имам пишувано и дебатирано многу пати низ годините, и сметав (и се уште сум на истото мислење) дека туризмот, како и во дел од државите во светот, треба кај нас да биде поврзан со културата.

За почеток, затоа што токму културата, историјата, културното наследство, заедно со природните убавини и гастрономијата, се токму оној туристички потенцијал на кој треба да целиме. Македонија речиси да нема град во кој нема барем една ударна манифестација која може да влече странски гости, без оглед дали е тоа нешто како Охридско лето во Охрид, Илинденски денови и Манаки филмскиот фестивал во Битола, преку бројни фестивали на детска, забавна или народна музика во Штип, Валандово, Гевгелија, Лешок и други, преку разно разни фестивали на храна или пијалоци, проследени со концерти и јавни настапи на регионални или меѓународни артисти, или пак концерт на големи светски музички имиња кои продукции како Авалон ги носат, на кои јас лично сум видел и запознал луѓе кои наменски дошле во Скопје или Охрид, токму поради артистите, а останале па прошетаат и потрошат.

Исклучително битна е улогата на туристичките водичи. За жал, мора да признам дека бројката им е мала, или пак општиот квалитет низок. Но, едно друго нешто имам забележано. Само кај нас не постои стандардизиран мит и приказна која се претставува и пренесува, или официјална приказна и историска вистина. Имено, каде и да отидете во светот, десет пати отидете, десет различни водичи да имате, приказните, митовите, наративот е тој! Различна е само емоцијата, тоналитетот или филувањето на водичот.

Кај нас е спротивно! Кај нас секој зборува што сака, кажува лично мислење, па се оди тури до таму да се кажуваат лични интерпретации и на историјата и на политички случувања. Има водичи кои буквално продаваат политичко партиска пропаганда и зборуваат со таков негативен став, што и воопшто не е чудно што дел од туристите подоцна во своите тик ток, јутуб  или инстаграм видеа плукаат или го исмеваат Скопје, тврдејќи дека народот бил против се во центарот, дека било Дизниленд, дека било од стиропор, дека било бизарно, токму наративот на одредени идеолози против проектот Скопје 2014. Истата реторика, како по шаблон. И сето тоа го прават луѓе со лиценци.

Не многу по различно е и во дел од институциите. Во зависност од тоа кој е на смена, можете да чуете различен наратив. Затоа и потоа кога слушате странци што мислат или знаат за Македонија, имате вистинска каша попара од информации.

Сметам дека ова е едно од клучните нешта кои ќе мора да се стегнат, реформираат, стандардизираат, но и да се овозможи голем број млади луѓе да го работат. Убеден сум дека има не така мал број на невработени етнолози, археолози, историчари на уметност, но и географи, уметници и други, кои знаат пристојно барем еден странски јазик (пред се англискиот) и кои со квалитетни и строги законски решенија ќе можат професионално да се реализираат и одлично да заработат.

Никаде во светот не сум видел странски водич да зборува во земјата во која води тура. Затоа и неретко на странските посетители им се шират пропаганди од водичи од земјите од кои доаѓаат, па тие и по посетата на Македонија, живеат во пропагандите кои им се сервирале, ама сега имаат и „доказ од прва рака“.

Следното што кое треба да се работи е свеста на институциите дека парите се пред се од странската публика и прилагодувањето кон нивните потреби. Нашите цени не се проблем, истите се уште се екстремно ниски. Прашањето е на квалитетот на понудата, достапноста, атрактивноста и информациите наменети токму за нив, како странска публика.

Свесен сум дека добар дел од културата кај нас не е комерцијална и онолку колку ќе се вложи за плати, режиски трошоци и проекти, не може да се врати и заработи, но доколку не 50%, нека биде барем 20-30% од вложеното, па да има форма на самоодржливост, за сопствени проекти, но и одржување на објектите и опремата, а не она кое ќе се создаде, низ годините да се уништува и амортизира.

Маркетингот, но и специјализираните продавници, како и продавничките со сувенири, мора да се кренат на повисоко ниво. Навистина не ми е јасно како не успеваат ни државните институции, ниту пак приватниците, да искреираат интересни содржини и публикации, кои би биле атрактивни за странците, и да се направи прецизно таргетирање. Пари има сто начини како да се прават, до менаџментот е.

Исклучитено е битна и пропратната инфраструктура, која ја креираат општините, но и државата. Паркинзи, пристапни патишта, патокази, но и многу повеќе прецизни информации на секој можен пребарувач, функционални повеќејазични веб страници (пред се на англиски, но и јазиците кои се таргет), и секако промотивни видеа.

Субвенционираниот авионски превоз, со добри конекции е исклучително битен. Но, се додека нема директен евтин и редовен превоз до двата аеродроми, се е џабе. Да се зависи од таксисти кои ти земаат 25 до 30 евра до Скопје, или да го чекаш неретко шатл автобусот со саати, не оди. Убаво ќе биде кога ќе се гради пругата кон Охрид, станица да има и на самиот аеродром, а и не е лошо да има крак и кон Скопскиот аеродром или на пругата кон Куманово, или издвоен дел од делот кај Трубарево.

Имаме прекрасни археолошки локалитети, стари градски јадра, мегалитска опсерваторија, педесетина национални и локални установи со огромен потенцијал, но сето тоа мора да биде коодринирано и стратешки осмислено, а на микро ниво спроведено, за да донесе значајни приходи, вработувања и севкупно јачање на економијата.

За гастономијата, сместувачките капацитети, квалитетот, понудата и цените, во некоја друга прилика. Факт е дека премногу импровизираме, и дека секој гледа низ призмата на неговиот личен ќар, а не големата слика, а тоа е презентација и афирмација на Македонија. Потребен е сеопфатен план, а не како до сега што беше, импровизија и тезгарење. Сигурен сум дека периодот кој следи, ќе донесе многу новитети, подобрувања и воспоставување стандарди кои ќе донесат нов квалитет во понудите и работењето.

 

Александар Ристевски

To top