Американски борбен авион Ф-35 се урна за време на тренинг вежба во воздухопловната база Ајелсон на Алјаска, а пилотот се катапултирал и безбедно со падобран.
АП пренесува дека полковникот на американските воздухопловни сили Пол Таунсенд, командант на 354-то борбено крило, рекол дека авионот претрпел „неисправност во текот на летот“, по што пилотот успеал да се катапултира од леталото.
Несреќата се случила при слетување за време на вежбање.
Драматичната снимка од несреќата брзо се прошири низ интернет. На видеото се гледа како авион паѓа кон земјата, а потоа експлодира.
Во позадина може да се забележи падобран кој полека се спушта кон земјата.
F-35 fighter jet crashed while landing during a training exercise in Alaska on Tuesday and the pilot survived after ejecting from the plane.#Rojava_Post pic.twitter.com/rMzn3Eam6o
— Rojava Post (@Rojava_Post) January 29, 2025
Портпаролот на воздухопловните сили подоцна ја потврди автентичноста на снимката за CBS News.
Воздухопловната база Ајелсон во соопштение рече дека инцидентот, кој се случил во вторникот попладне по локално време, предизвикал „значителна штета“ на авионот F-35 Lightning II.
Пилотот е безбеден и е префрлен во воената болница Басет.
-Ве уверувам дека американските воздухопловни сили ќе спроведат темелна истрага со надеж дека ќе ги минимизираат шансите ваквите настани повторно да се случат, рече Таунсенд.
Ф-35 е најголемиот генератор на приходи на Локхид Мартин, кој придонесува со околу 30 отсто во вкупниот профит на компанијата. Според достапните податоци неговата цена се движи меѓу 82,5 и 109 милиони долари, во зависност од моделот.