Русија за првпат призна дека распоредила севернокорејски војници во борбите за потиснување на украинските сили од Курската област по шокантната инвазија на Киев минатата година.
Генералот Валериј Герасимов, началник на рускиот Генералштаб, на видео конференција му изјави на претседателот Владимир Путин дека севернокорејските војници дале значаен придонес во „ослободувањето“ на регионот од украинските сили.
Коментарите го потврдија она што украинските и западните претставници долго време го тврдат – дека Пјонгјанг испратил илјадници војници да се борат заедно со руските сили. Американските претставници изјавиле дека повеќе од 11.000 севернокорејски војници учествувале во борбите и претрпеле огромни загуби. Герасимов изјавил дека корејската мисија е во согласност со договорот за партнерство помеѓу двете држави.
„Војниците и офицерите на Кореската народна армија, кои се бореа рамо до рамо со руските војници при одбивањето на украинската инвазија, покажаа висока професионалност, храброст, одважност и херојство во борбите“, изјавил Герасимов на Путин.