Руски воен хеликоптер на Балтичката флота упаднал во полскиот воздушен простор во вечерните часови на 25 април, соопшти полската воена команда.
Полските воени радарски системи и цивилните системи на Полската агенција за услуги на воздухопловството го следеле леталото над територијалните води на Полска во Балтичко Море.
„Природата на инцидентот укажува дека Русија ја тестира спремноста на нашиот систем за противвоздушна одбрана“, се наведува во соопштението на Оперативната команда на оружените сили на Полска објавено на социјалната мрежа Икс.
„Дежурните сили и средствата за противвоздушна одбрана беа во постојана готовност за осигурување на безбедноста на полскиот воздушен простор“, се додава во соопштението.
Полска редовно испраќа борбени авиони од почетокот на украинскиот конфликт поради руските ракетни и напади со дронови на западна Украина. Во неколку случаи руски проектили накратко го нарушиле полскиот воздушен простор.
Варшава постојано тврди дека руски авиони го нарушиле нејзиниот воздушен простор. Минатата година полскиот бригаден генерал Томаш Дрењак изјави дека Русија веројатно ја тестира полската противвоздушна одбрана откако на 25 август сомнителен дрон навлегол во полскиот воздушен простор за време на голем напад на Украина.