Свет во интервју за ЛЦИ

Орбан: Мир во Украина преку договор меѓу Москва и Вашингтон

Орбан истакна дека Русија го разбира само „јазикот на силата“, па затоа Европа мора да ја засили својата политичка и економска моќ, бидејќи моментално настапува од позиција на слабост.

Орбан: Мир во Украина преку договор меѓу Москва и Вашингтон

Премиерот на Унгарија Виктор Орбан во интервју за француската телевизија ЛЦИ (LCI) изјави дека Русија нема капацитет за глобален конфликт и повика на итен прекин на огнот во Украина.

Според него, решението за мир треба да започне со прекин на огнот, а вистинскиот договор мора да се постигне меѓу Москва и Вашингтон. Орбан повтори дека се противи на членството на Украина во НАТО и ЕУ, тврдејќи дека тоа не е во интерес на Унгарија. Тој додаде дека Унгарците ја разбираат историјата на Украина подобро од Французите, велејќи: „Веруваме дека не мора да ги сакате Русите, туку мора да се договорите со нив“.

Орбан истакна дека Русија го разбира само „јазикот на силата“, па затоа Европа мора да ја засили својата политичка и економска моќ, бидејќи моментално настапува од позиција на слабост.

Тој изрази подготвеност да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, додавајќи: „Ако сака да дојде во Унгарија, ќе го пречекаме со почит“. На прашањето дали може да се спореди со Путин, Орбан одговори: „За да биде слушната Унгарија, не мора да се споредуваме со никого“, нагласувајќи дека го интересира унгарскиот народ, а не рускиот претседател.

Во врска со американскиот претседател Доналд Трамп, Орбан рече дека не го смета за „месија“, но верува дека со него може да се дојде до договор за крај на војната, иако тоа би било исклучително тешко. Тој додаде дека е можно да се постигне договор со Трамп за прашањето на царините, но дека тоа ќе биде тешко бидејќи Трамп е „цврст“ човек.

Орбан, исто така, зборуваше за желбата за соработка со Кина, Русија и Турција, велејќи дека секоја земја може да се разбере врз основа на нејзината култура и идеологија.

Унгарскиот премиер е гласен критичар на испораките на оружје за Украина и на санкциите против Русија, тврдејќи дека тие ѝ штетат на европската, а со тоа и на унгарската економија.

Во однос на Франција, Орбан рече дека не се согласува со претседателот Емануел Макрон за иднината на Европа, критикувајќи го за наводниот „прогресивен и либерален“ проект на ЕУ. Тој додаде дека му останал само еден соборец во Франција – Марин Ле Пен. Доколку таа победи на претседателските избори во 2027 година, Орбан вети дека ќе испие „магнум шампањ“ и ѝ понуди помош за изготвување буџет кој не поддржува војна и бирократија.

На прашањето на водителот Дариус Рошебин за забраната за Прајд во Унгарија, Орбан одговори дека марш кој има штетно влијание врз децата не може да се одржи во Будимпешта.

Тој пристигна во Франција на покана на Марин Ле Пен и Џордан Бардела, лидери на Францускиот национален собир (РН), за да учествува на состанокот на претседателството на партиското семејство „Патриоти за Европа“ и да одржи говор на прославата по повод победата на француската крајна десница.

To top