Папата Франциск, кој почина во понеделникот на 88-годишна возраст, доби посебна проштална почит од неговиот омилен фудбалски клуб – Сан Лоренцо де Алмагро, од неговиот роден Буенос Аирес.
Во капелата на стадионот „Сан Лоренцо“, кој се наоѓа југозападно од аргентинската престолнина, се палат свеќи покрај статуата на папата Франциск, украсена со боите на клубот – црвена и темно сина.
Оскар Лукини, кој раководи со капелата на клубот, им покажа на новинарите фотографии од Франсис како носи дрес на Сан Лоренцо, како и неговата членска карта. Бројот на картичката има посебна симболика – 88235N-0, што се совпаѓа со возраста на Папата и моментот на смртта.

-Денот кога му ја предадовме членската карта, тој рече дека ќе ја прифати, но додаде: „Јас ќе ја платам членарината“. И навистина, тој редовно ја плаќаше членарината за Сан Лоренцо, со посебна посветеност. Му ја дадовме картичката лично, а на неа го пишуваше бројот 88.235. Сега, почина на 88-годишна возраст, во 2:35 часот наутро по аргентинско време. Не знаеме дали беше благослов, случајност или нешто што ни го испрати, изјавил Лукини.
Претседателот на клубот, Марсело Морети, објави дека на претстојниот натпревар против Росарио Централ, закажан за сабота – истиот ден кога ќе се одржи погребот на папата Франциск во Ватикан, ќе се носат специјални комеморативни дресови.

Папата Франциск, роден како Хорхе Марио Берголио, потекнува од италијанско мигрантско семејство и пораснал во Буенос Аирес, во време кога фудбалот веќе беше длабоко вкоренет во аргентинската култура.
Иако ретко играл фудбал поради здравствени проблеми, папата Франциск остана верен навивач на Сан Лоренцо до крајот на својот живот.