Докажавме дека трговските договори се подобри од царините, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по средбата во Брисел со канадскиот премиер Џастин Трудо, на која присуствуваше и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според него Договорот ЕУ-Канада (ЦЕТА) од 2017 година доведе до зголемување на билатералната трговија за 60 отсто.
– Ние сме сигурни и предвидливи пријатели, силни сојузници за мир и безбедност, ја поддржуваме Украина, промовираме зачувување на природата и дигитализација, наведе Кошта.
Лајен истакна дека „трговијата може да биде од корист за сите, како што покажа ЦЕТА“.
Трудо потенцира дека со продлабочувањето на соработката помеѓу Канада и ЕУ се зголемува безбедноста и заштитата на демократијата.
– Светот е сè понепредвидлив, ние остануваме обединети во нашата процена за потребата да се поддржи Украина, вклучително и затоа што тоа е во одбрана на меѓународниот правен поредок, истакна Трудо.
Тој додаде дека ЦЕТА придонела за огромно подобрување на трговските односи.