Свет

Избрани девет судии на Европскиот суд на правдата

Избрани девет судии на Европскиот суд на правдата

Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) денеска избра девет судии и еден бранител во Судот на правдата на Европската Унија.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Судот на правдата на ЕУ се состои од Општ суд, како прва инстанца, и Судот на правдата, како повисока инстанца.

Согласно денешната одлука на Корепер, за судии во Судот на правдата беа именувани омбудсманот на данскиот Парламент, Нилс Фенгер, со мандат до 6 октомври 2027 година, и актуелниот судија во Трибуналот, Австриецот, Андреас Кумин, со мандат до 6 октомври 2030 година.

За членови на Општиот суд беа именувани актуелниот судија, Словакот Јуриј Шварц и советникот за правда во Европскиот совет, Луксембуржанецот, Рафаел Мајер, и двајцата со мандат до 31 август 2028 година, како и францускиот државен советник Ерве Касањабер, со мандат до 31 август 2025 година.

Новиот мандат на овие петмина судии почнува да тече од 7 овој месец.

Корепер, исто така, за судии во Основниот суд, но со мандат од 1 септември 2025 до 31 август 2031 година, ги именува и актуелните судии во овој Трибунал, Ирците, Сузан Кингстон и Колм Мак Ајохед и Шпанците, Хозе Мартин и Перез де Нанкларес и Мигел Сампол Пукурул.

Дополнително за генерален бранител во Судот на правдата беше назначен професорот по право на ЕУ и директор на Центарот за европско право при Кралскиот колеџ во Лондон, Италијанецот Андреа Бјонди, со мандат од 7 октомври 2024 до 6 октомври 2030 година.

Именувањата ќе стапат во сила по објавувањето на одлуките на Корепер во Службениот весник на Европската Унија.

To top