Скопје

Ѓорѓиевски: „Покрсти“ ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место – Покрсти, кое наскоро се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје.

Ѓорѓиевски: „Покрсти“ ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

На својот Фејсбук профил денеска, градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, објави завршување на уште еден значаен проект за општината.

– Сместено во чиста и зелена средина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината, ова ново место доби асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активностите за изградба на плоштад, вело патеки, урбана опрема итн – сѐ на сѐ едно катче каде што посетителите ќе можат да одморат и да уживаат во природа, напиша Ѓорѓиевски.

Станува збор за изградба на ново рекреативно место Покрсти, кое се наоѓа над населбата Драчево. Асфалтиран е сосема нов пат, изградени се нови скали, велосипедска патека, нови паркинг места и урбана опрема. Во следната фаза планирано е нов плоштад на ова место.

-Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да го направиме достапно и пријатно за сите – за спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Локацијата има и традиционално значење, бидејќи токму по патеката „Покрсти“ секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката која се протега во должина од над 8 километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност преку целата година. Овој проект е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам.

Најнови вести од Скопје

To top