Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денес изврши увид во градежните активности на новата детска градинка која се гради во населбата Стопански Двор. Изградбата на објектот се одвива со одлична динамика, по отстранување на неколку административни пречки, со што се обезбеди забрзано продолжување на реализацијата на овој капитален проект од областа на предучилишното образование.
Новата градинка ќе има капацитет за над 100 деца, од кои околу 30 дечиња на возраст од 0 до 2 години ќе бидат сместени во јаслени групи на приземјето, а останатите ќе бидат распределени во четири занимални на првиот кат. Објектот се простира на вкупна површина од 898 м², распоредени на приземје и кат, со современи услови за згрижување, игра и развој на најмладите жители на
општината.
„Со изградбата на оваа градинка во Стопански Двор правиме значителен чекор кон решавање на долгогодишниот проблем со недостиг на капацитети за згрижување деца во Ѓорче Петров. Посветени сме кон целосна елиминација на листите на чекање и обезбедување сигурно и квалитетно предучилишно образование за секое дете. Продолжуваме да инвестираме таму каде што е најважно – во иднината на
нашите деца“, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров останува посветена на континуирано унапредување на инфраструктурата за најмладите, како еден од стратешките приоритети во делот на образованието и грижата за семејствата.
-Со овој проект продолжуваме посветено да работиме на проширување на капацитетите и целосна елиминација на листите на чекање во градинките, потенцира Стојкоски.