Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска се одбележа 110 години од загинувањето на македонски револуционер и војвода Јане Сандански, име кое е патрон и со гордост го носи штипската касарна. Командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски истакна дека во историјата постојат два вида на личности едни што ја создаваат и други што ја следат.
– Денес, после 110 години од неговата смрт, дефинитивно можеме да потврдиме дека Јане Сандански е од оние кои ја создадоа македонската историја. Животот и револуционерното дело на Сандански длабоко се вткаени во вековната борба на македонскиот народ за слобода и создавање на самостојна, суверена и независна македонска држава. Не попусто државата му оддава почит и спомен со опевање во својата химна. Сандански најпрецизно може да се опише како претставник на македонската народна интелигенција и авагарда на своето време, чија јасна определба била изведување на морална и политичка револуција, рече Чиплаковски.
На 22 Април 1915 година Јане Сандански бил убиен од своите политички противници, од заседа кај месноста Блатата (Мелничко) во пазувите на Пирин планина, кога сам без обезбедување одел за Неврокоп. На надгробната плоча врежана е неговата мисла: „Да живееш значи да се бориш. Робот за слобода, а слободниот за совршенство“.
-Во народната меморија, Јане Сандански ќе остане засекогаш запаметен како една грандиозна фигура, како борец и војвода кој секогаш бил во служба на народот, како негов организатор, водич и заштитник, рече во својот говор Чиплаковски. На свеченоста присуствуваат, градоначалници од општините во Брегалничкиот регион, како и директори и делегации на државни и локални институции, потоа претставници од СВР-Штип и на Сојузот на борци Штип и на Македонската православна црква.