Родено 100. по ред бебе во Општа болница – Кавадарци за оваа година, информираа попладнево од кавадаречката јавна здравствена установа.
– Бележиме континуиран раст и напредок. Со особена радост и гордост ја информираме јавноста дека денеска на Одделението за гинекологија и акушерство при ЈЗУ Општа болница – Кавадарци се роди 100. бебе за оваа календарска година. Овој значаен момент претставува уште еден показател за континуираниот развој и зголемената доверба што пациентите ја имаат во нашата установа, соопштија од Болницата со проширена дејност.
Оттаму споделија и споредбена статистика. Во 2023 година, 100. бебе било родено на 27 септември, а во 2024 година, на 21 септември. Тоа, според нив, укажува на значаен пораст на бројот на породувања.
– Овие бројки говорат за сè поголемата доверба што жителите на Кавадарци и поширокиот регион ја имаат во нашиот стручeн тим и современите услови што ги нудиме. Одделението за гинекологија и акушерство е во постојан напредок – со подобрени болнички услови, нова медицинска опрема и постојани едукации на кадарот. Секоја нова рожба е причина за радост, а 100. бебе за 2025 година е симбол на континуитетот, квалитетот и зголемената грижа што им ја нудиме на мајките и новороденчињата, соопштија од Болницата.
Притоа, подвлекоа дека ЈЗУ Општа болница – Кавадарци останува посветена на унапредување на здравствените услуги и обезбедување на безбедна и хумана грижа за сите пациенти.