Општина Илинден континуирано работи на урбанизирање и модернизирање на сите населени места. За таа цел во завршна фаза е урбаното уредување на просторот околу туристичкиот локалитет „Бучинско езеро“ во населеното место Бучинци.
Овој проект е уште едно исполнето ветување на градоначалникот Александар Георгиевски, кој беше предвиден во предизборната програма, како и
во Стратешкиот план на Општина Илинден за периодот 2022-2026 година.
Станува збор за простор каде граѓаните на општина Илинден ќе можат да уживаат и да го поминуваат слободното време. Се работи на поплочување со нови бекатон плочки, а во тек е изградба на нова платформа и пешачка патека во должина од 60 метри. Исто така, пристап до местото е обезбеден со тампониран пат во должина од 100 метри, а во тек е и изградба на платформа за ловење риба. Поставено е ново улично осветлување и нови канделабри, планирано е поставување на клупи за одмор и корпи за отпадоци. Просторот ќе биде партерно уреден и за дополнително уживање на граѓаните ќе биде изграден нов летниковец.
Увид во градежните активности изврши градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека уредувањето на овој туристички локалитет е од особена важност за жителите на општината, како и за сите граѓани што сакаат да го поминат своето слободно време во една мирна и убава, а во исто време модерна средина.
Општина Илинден и понатаму ќе продолжи со уредување и модернизирање во сите населени места, со цел да се обезбеди урбанизирана и модерна средина за живеење.