Република Свечена академија

Доделени четвртоноемвриските награди од општина Битола

Наградата за животно дело на актерот Борис Чоревски му ја врачи градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Доделени четвртоноемвриските награди од општина Битола

На Свечената академија која се одржа во Центарот за култура, беа доделени четвртоноемвриските награди за едногодишни достигнувања и наградата за животно дело. Одлуките за наградите „4 Ноември“ ги донесе Управниот одбор, во состав претседател на Управниот одбор Габриела Илиевска и членовите Бојан Бојкоски, Марко Јосифовски, Соња Петреска, Мирјана Захариевска-Ралевска, Јадранка Павловска, Методија Илиевски, и Жаклина Наумовска на седницата одржана на 30.10.2024 година.

Наградата за животно дело на актерот Борис Чоревски му ја врачи градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Чоревски беше предложен заради големото достигнување во областа на уметноста. Борис Чоревски е актер со изграден и дефиниран творечки потенцијал, со широк распон и творечки дијапазон, со висока етичност и професионалност. Потекнува од успешно театарско семејство, и од најмали нозе е присутен во Народниот театар во Битола. Од 1975 год. е постојан член на ансамблот на НУ Народен театар Битола со одиграни околу 150 услоги. Откако го завршил Факултетот за Драмски уметности беше професионално ангажиран во Битолскиот Народен Театар со настапот во пиестата „Елена Четковиќ“ во ликот Вук. Во неа Борис Чоревски покажа дека неговите успешни настапи не се случајни, туку се плод на една извонредна подготвеност и талент. За таа улога ја доби наградата млад актер на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1975 год. Борис има остварено и многу улоги и во Југословенската драматургија. Помеѓу позабележителните секако се ликовите во „Свечената вечера во погребалното претпријатие“ и „Натемаго на Филозофскиот факултет“ и двете од Иво Брешарн во режија на Владимир Милчин.

Во 1999 год. добитник е на наградата за најдобро актерско остварување на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за маестралната креација на ликот на Таткото Полит во „Мачка на вжештениот покрив“ од Т.Вилијамс во режија на Љупчо Ѓоргиевски. За истата улога ревијата „Екран“ му додели награда актер на годината. Таа година и Народниот театар од Битола му ја додели наградата „14-ти Ноември“ за успешна работа на театарската сцена исполнета со креативен набој на модерен актер и богат опус на драмски улоги.

Во 2011 год. со улогата на соседот во претставата „Обична приказна“ од М. Ладо Чоревски станува лауреат и ја добива единствената награда на „ФКТ“ Ристо Шишков во Струмица. Неговото исклучително место во актерската мапа, градот Битола го наградува со наградата „4-ти Ноември“ во 1997 год. Во 2011 год. е добитник на наградата за животно дело „Петре Прличко“ што ја доделува Општина Велес и Здружението на драмски уметници на Република Македонија „Џинот“ со која го свртстува во еден од водечките актери на Македонија. За целокупните негови остварувања во театарот, телевизијата и во филмот, Чоревски ја добива заслужената награда за животно дело на 55-то издание на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“. Со сите овие признанија и награди остава силен печат на актерското мајсторство и на театарскиот живот во Република Македонија, а посебно во град Битола.

Наградите за едногодишни достигнувања ги додели претседателката на Советот, Габриела Илиевска, на следните добитници:
-Факултетот за Информатички и Комуникациски Технологии – Битола
-Компанија САЈТИРО ДОО
-м-р БИЉАНА СТОЈАНОВСКА – ЃУРИЌ
-ВАЊА АТАНАСОВ
-БРАНИСЛАВ АНГЕЛОВСКИ

Најнови вести од Република

To top