Регион

Харгривс: Без спроведување на договорите од Брисел и Охрид меѓу Косово и Србија нема стабилност во регионот

Харгривс: Без спроведување на договорите од Брисел и Охрид меѓу Косово и Србија нема стабилност во регионот

Амбасадорот на Велика Британија во Косово, Џонатан Харгривс, изјави дека мирот и стабилноста во регионот нема целосно да се постигнат без имплементација на сите аспекти од бриселскиот договор и охридскиот анекс, како од косовска така и од српска страна, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харгривс во интервју за косовскиот портал на српски јазик „КоССев“ вели дека граѓаните на Косово, особено оние на северот на државата, плаќаат висока цена за ненормализацијата на односите меѓу Косово и Србија.

„Јасно ми е дека Косово има јасна визија за модерна, демократска, мултиетничка и европска држава. Ќе направиме сé што можеме за да поддржиме и да промовираме мир и стабилност во овој регион. Сепак, тоа нема да биде целосно постигнато додека не се имплементираат сите аспекти на Основниот договор и Охридскиот договор, и од косовска и од српска страна. Длабоко е фрустрирачки што тие ги прекинаа преговорите во моментов“, рече Харгривс.

„КоССев“ објави дека интервјуто со Харгривс го направил на почетокот на неделата, пред во петокот да бидат затворени петте објекти на паралелните структури на Србија во општините со мнозинско српско население на север.

Харгривс се приклучи на критиките на другите амбасадори од земјите на КВИНТ во врска со најновата акција.

„Акциите кои суштински влијаат на благосостојбата на косовските Срби и другите немнозински заедници бараат внимателна консултација со цврстите пријатели и безбедносни партнери на Косово, во контекст на поширок дијалог. Акциите на северот на Косово беа спроведени без тоа и ризикуваат да поттикнат тензии и да ги погодат најранливите“, се вели во реакцијата на Харгривс.

Во интервјуто за „КоССев“, Харгривс вели дека „Владата на Косово треба да направи повеќе за Србите да се чувствуваат дека се безбедни и да имаат иднина на Косово“.

Тој рече дека Велика Британија, партнерите на КВИНТ и на Европската унија, остануваат цврсто зад суверено, независно, мултиетничко Косово, „кое ги нормализира односите со Србија“.

Според Харгривс, има многу прашања што треба да се решат во Косово.

„Прифаќањето на минатото, неизвесноста за семејствата на исчезнатите, болката на оние кои се уште страдаат од војната, неизвесноста што ја чувствуваат немнозинските заедници во Косово. Сè уште има многу реални тензии и безбедносни ризици, што значи дека улогата на КФОР на НАТО останува поважна од кога било за одржување на безбедна средина за сите во Косово“, рече Харгривс.

Тој неколку пати ги посетил северните делови на Косово и вели дека ако може да ги сумира разговорите со косовските Срби во еден збор, тоа е „длабока несигурност и недоверба во способноста на владите во Приштина и Белград да ја слушнат нивната загриженост“.

„Луѓето кои живеат тука сè уште плаќаат висока цена за недостатокот на нормализација меѓу Косово и Србија“, рече Харгривс.

Британскиот амбасадор вели дека „Велика Британија е многу горда на односите со Косово“. Тој ги спомена и чекорите кои се успешно преземени, како што се „прашањето за сметките за струја на север, како и прашањето за регистарските таблички и пренамена на возачките дозволи“.

Во врска со терористичкиот напад во Бањска на 24 септември минатата година, кога беше убиен наредникот на косовската полиција, Африм Буњаку, Харгривс рече дека е важно Милан Радоичиќ, поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, кој ја презеде одговорноста за нападот, и другите припадници на групата напаѓачи да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Јасно е разбирањето на мојата влада за она што се случи во Бањска. Тоа беше многу сериозен настан. Многу е важно Милан Радоичиќ и другите одговорни да бидат ефективно изведени пред лицето на правдата. Мислам дека додека тоа не се направи, постои ризик да се разниша довербата во Србија за преговори во дијалог со добра волја. Обединетото Кралство продолжува редовно да се залага за ова“, рече Харгривс.

Најнови вести од Регион

To top